Танц катче во вашиот дом

Доколку сте родител на дете кое посетува часови по танц а имате малку екстра простор во домот, одлично би било да размислите за мала реконструкција која би го пренаменила празниот простор во место за танц.

dance-workout-at-home

За сите оние кои го имаат ритамот во срцето, без разлика дали на 7 или 77, танцовото катче во домот е исполнување на сништата.

Низ овој текст ќе се обидеме да ви дадеме неколку насоки.

За каков тип на танц станува збор?

Просторот е навистина тој што одредува, но дури и доколку се работи за само неколку метри квадратни трансформацијата може да послужи.

Балет, хип хоп, фитнес танцови рутини, танц во двојка доколку просторот дозволува…

Најпрвин, подот е од голема важност. И додека помеки површини како татами или пак синтетички теписони може да послужат, подобро би било да инвестирате во паркет, или па во најмала рака квалитетен ламинат.

Доколку изберете ламинат, не заборавајте на звучната изолација одоздола. Ја намалува буката од вашите стапала за повеќе од 50% во зависност од дебелината на филцот и квалитетот.

Детали кои многу ќе послужат

Ако вашите деца посетуваат часови по балет, рамната површина со помалку отпор е совршена. Модерните танци и хип хопот пак, може да поминат и со поинаква подлога.

Што се однесува до остатокот од просторот, пожелно е да поставите телевизор на зидот, или пак во најмала рака држач за вашиот лаптоп или пак аудио систем.

Дури и ако вие самите одлучите да танцувате со фитнес програми како што е Cize од тренерот и танчер Shaun T, телевизорот или пак подлогата за лаптоп навистина ќе ви се најдат.

Огледалото, се чини, е можеби најдобрата инвестиција кога станува збор за танц. Не само што визуелно ќе го зголеми просторот и ќе даде еден професионален допир, туку тоа и ќе ви овозможи непречено да внимавате на вашата форма при изведувањето на чекорите и разните потези.

За оние кои професионално се бават со танц, ова е разликата помеѓу добар и неквалитетен тренинг. Можноста да се набљудувате додека вежбате и танцувате ќе ве поттикне да ја подобрите својата форма и држење.

Вградувањето греда-држач во зидот, колку и да се чини скапо и комплицирано , е навистина вредно доколку сакате да го однесете вашиот простор за танц чекор погоре. Разговарајте со луѓе кои се занимаваат со изработка на мебел од дрво, и ќе се уверите дека станува збор за мал потфат, и подеднакво мала инвестиција. Држачот би ви помогнал во вашите истегнувања и подготовки за напорен тренинг.

За на крај размислете за додавање на повеќе извори на светлина како би ја манипулирале светлината во зависност од потребите. Препорачливо е да ставите еден неонски извор на светлина веднаш над огледалото, и можеби неколку повеќе “топли” светилки на спротивната страна.

Најдете начин да поставите неколку декорации, биле тоа слики во рамка на зидот, или пак големи саксии цвеќе на краевите од собата, и просторот ќе се претвори во ваше уникатно катче за танц. Дополнително, обидете се да оставите некаков специфичен мирис во просторот, кој умствено би ве подготвил за танцовата сесија која следи, за тотална имерзија во процесот.

Користете посебни обувки наменети само за оваа активност, или пак доколку танцувате без нив бидете сигурни дека чорапите ви се штотуку облечени. На крај, поминете со џогер или мокра крпа накисната во детергент.

И се разбира, без разлика дали местото има вентилација или пак прозорец, не заборавајте да проветрувате пред и после секоја танцова сесија.

Уживајте во вашиот дом, и дозволете ритамот да ве носи.

Остави коментар:

  • (нема да биде објавен)